Опремата за прислушување ќе се носи од УБК во ОТА

by fokus

Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе одлука за формирање на Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА).

„Комисијата, составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, има за задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.

Формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата на РМ да ги овозможи сите услови за старт на работата на Оперативно-техничка агенција, до денот на започнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година“, велат од Владата.

Поврзани новости