Опозициските ЛДП и ДОМ денеска гласаа „за“ носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески кој беше избран за претседател на Советот на Град Скопје.
Сепак советничката Теодора Крстевска изјави дека нема да бидат во коалиција со мнозинството.
– Единствената причина зошто гласавме „за“ беше за да имаме конструктивен Совет. Гласавме лично, поради тоа што професорот Славески е докажана личност, со интегритет, доблесна личност, кој веруваме дека ќе ги застапува сите советници, без рзалика кој е мнозинство, а кој опозиција, рече Крстевска. Изрази надеж дека тој и градоначалничката Арсовска ќе ги земат предвид нивните проекти.
Славески беше избран со 26 гласа „за“. За него, покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива, гласаа и двајцата советници на коалицијата ЛДП/ДОМ.
За изборот на Славески не гласаа советниците од СДСМ, ДУИ и од Зелен хуман град.
Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, СДСМ 12, ДУИ 5, Левица 4, а по двајца имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДП/ДОМ и независните кандидати од Зелен хуман град.