Партиите од српската опозиција изразуваа загриженост за влошување на односите помеѓу Македонија и Србија откако Владата на Александар Вучиќ одлучи да го повлече дипломатскиот персонал од амбасадата во Македонија. Опозицискиот политички блок во соседната земја ја критикува надворешната политика на Вучиќ и се на став дека премиерот на Србија води политика на постојана закан од конфликт.
Србија навлегува во нова фаза од политичката на Вучиќ, фаза на конфликти и влошување на односите со соседните земји со кои никогаш немало несогласувања, велат од „Движењето на слободни граѓани“, кое го предводи Саша Јанковиќ.
„Политиката на конфликт во најава, која ја води Александар Вучиќ, како би не спасил истовремено од тој конфликт со тоа што би бил фактор на стабилноста, успеа да ги влоши и односите со Скопје. Релациите на Вучиќ со автократите низ Европа, никогаш не биле поблиски. Таблоизацијата на надворешната политика, која почна со објавувањето на лажни порно снимки со претседателката на Хрватска, зовре до секојдневно најавување на војна, се спрема теренот за последната фаза од власта на Вучиќ – конфликт во регионот, кој мора да биде спречен“, велат од таму.
Од Либерално демократската партија, предводена од Чедомир Јовановиќ, велат дека повлекувањето на дипломатскиот персонал од амбасадата во Македонија претставува сериозен потег, невообичаен во дипломатската пракса и порачуваат дека Владата е должна да објасни кои се причините за такво нешто.
„Одбивајќи да ни соопштат детали што точно се случува во Македонија, што влијае на нашите меѓународни односи, власта остава премногу простор за разни интерпретации и претпоставки. Бројните шпекулации кои се појавуваат по овој повод, ги вознемирија граѓаните, затоа што во исто време се говори за некакви шпионски активности, загрозеност на луѓето кои работат во амбасадата и промена на ставот на Македонија при гласањето за прием на Косово во УНЕСКО. Таквиот амбиент е погоден за создавање на уште поголеми тензии како во Србија и Македонија, така и во целиот регион, кој е и онака доволно дестабилизиран со бројни секојдневни кризи помеѓу државите на Балканот“, велат од ЛДП и прашуваат зошто од Либија не е повлечен целокупниот персонал од амбасадата имајќи предвид дека таму со години беснее војна.
Александар Црквењаков, претседателот на одборот за надворешна политика на Демократска странка, изјави дека „радикалните потези на Дачиќ, кои ги диктира Вучиќ, не се начин на кој треба да се води надворешната политика“, и дека претставуваат „пукање во нога“, бидејќи оваа одлука, рече тој, е претстава за домашната јавност со штетни последици за Србија.
„Каков и да е проблемот со соседните држави – морате да го решите. Основата функција на дипломатијата е во сложени случаи да послужи како канал за комуникација меѓу двете држави. Ако го повлечете дипломатскиот персонал и го затворите тој канал, тоа е неодговорно – сами на себе си пукате во нога и се лишувате од средствата за решавање на конфликтот. Посебен проблем е мистеријата околу причините и поводот за донесување на радикални потези. Го повикуваме Александар Вучиќ да соопшти која е вистинската причина за ваквата одлука. Оваа одлука потсетува на скорешната за повлекување на амбасадорот од Франција, која власта брзо ја поништи, а јавноста ја заборави. Единствена цел на ваквите одлуки е со помош на демонстрација да и се покаже на домашната јавност дека власта нешто прави и не е немоќна. Но всушност покажува дека е „ранета“ и бесна“, изјави Црквењаков.