Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека опозицијата со 180 амандмани го блокира предлогот кој се однесува на еден член од Законот за надворешни работи, кој претставува ограничување при селекцијата на дипломати за претседавањето со ОБСЕ.
Односно, според тој член, за еден дипломат да замине на мисија треба од завршувањето на претходната мисија, да има престој од 24 месеци во Министерството за надворешни работи, до следниот мандат.
– За да го објаснам контекстот, за да се испратат дипломати на тригодишен мандат, покрај другите критериуми, треба да исполнат уште еден критериум, а тоа е две години најмалку да биле во Скопје во МНР од завршувањето на претходниот мандат. Значи 24 месеци требало да поминат од враќањето од претходниот мандат. Бидејќи претседавањето со ОБСЕ е вонредно, една вонредна специјална мисија во која што дипломатите ќе одат не на цел мандат, туку на 14-15 месеци и за да не бидеме ограничени во изборот на дипломати коишто ќе ги испратиме, затоа пратениците откако им ја објаснивме оваа проблематика, предложија измени на еден став, односно за претседавање како што е ОБСЕ, односно за вакви специјални мисии, да не важи ограничувањето 24 месеци, наведе Османи.
Тој додаде дека и покрај тоа што опозицијата била информирана навреме, сепак поднеле 180 амандмани.