Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ја прекина седницата, на која треба да продолжи расправата за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител.
Седницата беше прекината по барање на заменик координаторката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, која треба да оди на координација.
На почетокот на денешната седница, пратениците од опозицијата упатија критика до претседателката на Комисијата Марија Георгиевска, поради тоа што по најавената пауза од 15 минути, вчерашната седница воопшто не продолжи со работата.
-Имаше неколку сесии 15-то продолжение на оваа седница во текот на вчерашниот ден. После 17 часот, кога колешката Благица Ласоска заврши процедурално, нашата престедателка не извести дека ќе направиме кратка пауза од 15 минути. Во 17.54 часот, од службите на оваа Комисија добивме порака дека ќе продолжиме со работа во 20 часот. Во 19:40 часот добивме нова порака во која сме известени дека ќе продолжиме со работа во 21:30 часот, за да во 20:49 часот ја добиеме последната порака од собраниските служби дека Комисијата денеска ќе продолжи со работа. Се поставува прашање кој ја кочи работата на оваа собраниска Комисија, рече денеска вопроцедурално обраќање пратеничката Дафина Стојановска.
Според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата од вчера покажува оти е погазен Деловникот, Уставот и Етичкиот кодекс.
Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска на ова одговори дека не го прекршила Деловникот и оти навремено известила за продолжението на седницата.