Пратеничката група на СДСМ и коалициските партии поднесоа барање за разрешување на Никола Тодоров од челната позиција во Министерството за здравство.
– Бараме одговорност од Никола Тодоров за системските проблеми и целокупниот хаос во здравството што резултира со трагични последици врз граѓаните, врз пациентите. За само два дена, две трудници го загубија животот што е недозволиво во 21 век. Тоа најдиректно покажува дека здравствениот систем во Македонија не функционира – изјави денеска Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ и претседателка на собраниската комисија за здравство.
Таа нагласи дека несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем, со ресурсите, немањето стратегија за развој и инвестициски вложувања го зема најскапиот данок, човечкиот живот.
– Факт е дека Никола Тодоров воопшто и не требаше да биде поставен на позицијата министер за здравство. Како директен извршител на политиките на Никола Груевски тој е одговорен што македонското здравство го достигна дното. Болниците низ државата одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на граѓаните. Нема доволен лекарски кадар, нема соодветна опрема, недостасува медицински материјал. Граѓаните се повеќе плаќаат а добиваат се помалку и се полоши услуги. Тодоров треба да замине поради погрешните политики што ги присилија докторите да го напуштаат јавното здравство и да ја напуштаат Македонија – тврди пратеничката.
Според неа, оние лекари што останале да работат во јавните здравствени институции се преоптоварени, слабо платени и оставени без основни услови за работа.
– Гинекологијата е една од најзагрозените гранки. Според достапните информации, само 128 гинеколози има во јавното здравство. Македонија, според Еуростат е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа. Во 2013 година, во Македонија починале дури 229 доенчиња! Електронскиот систем „Мој термин“ создаде нови проблеми. Не само што не се намалија редиците за чекање во клиниките туку се зголемија. Не само што не се растовари терцијалното здравство, туку дополнително се внесе хаос. Се уште трае инсулинската криза. Изгубена е довербата во системот за вакцинации зашто и овде основен критериум за набавка е најниска цена, а не квалитетот на вакцините – вели Шахпаска.