Постои основано сомневање дека се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност отворајќи врата за злоупотреба на механизмите за следење на комуникациите на над 2 милиони граѓани, обвини денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според него, Оперативно-техничката агенција извршила набавка на средства кои можат да бидат злоупотребени за незаконско следење на комуникациите на граѓаните.
-Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, на својата 15-та седница, почнувајќи од 23.05.2023 година одржа пет продолженија, разгледувајќи Информација за работењето на Оперативно-техничката агенција. Притоа Комисијата, постапувајќи во рамките на своите надлежности, утврди сериозен сомнеж дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите, односно дека извршила незаконска набавка на средства за следење на комуникациите кои може да бидат злоупотребени, а набавката е без соодветно Одобрение предвидено во ставот 2 од овој член – рече Петрушевски.
Ваквото прекршување на Законот, додаде тој, отвора можност за загрозување на националната безбедност и безбедноста на граѓаните, како и повреда на човековите слободи и права.
-Согласно со закон предвидените надлежности како Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесовме заклучок за ова сомнение да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија. Свесни дека во Република Македонија во минатото се случиле многу скандали од доменот на незаконското следење на комуникациите, должни сме да укажеме дека со ваквото евентуално прекршување на Законот за следење на комуникациите се создава можност за скандал од досега невидени размери – изјави Петрушевски.
Од ОТА, пак, реагираа дека најодговорно и во целост ја негираат изјавата и дезинформациите изнесени од страна на Петрушевски дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите и дека на било кој начин се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност.
„Напротив, Оперативно-техничката агенција во соодветна постапка и со вклученост на сите институции надлежни за спроведување на процесот за следење на комуникациите, со одобрени средства за конкретна намена од страна на Владата на Македонија и во согласност со членот 2 од Законот за следење на комуникации има поднесено барање за одобрение и техничка спецификација за што има добиено и поседува позитивно мислење и одобрување од страна на Министерството за внатрешни работи“, велат од ОТА.
Од таму додаваат дека од своето формирање како самостоен и независен државен орган е истакнат застапник на доследното спроведување на законитоста, надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, залагајќи се за редовни, континуирани и суштински надзор и контрола.