Дипломатијата со оваа власт на СДСМ и ДУИ, администрирана од Димитар Ковачевски, тоне секој ден, реагира ВМРО-ДПМНЕ, по информациите дека тече постапка за упатување на неколку нови амбасадори, меѓу кои Теута Арифи во ЕУ, Виктор Димовски во Париз, Зоран Попов во Вашингтон, Андреј Жерновски во Белград, Јован Манасиевски во Анкара…
„На листата со скандалозни одлуки за именувања, на кои веќе се наоѓаат ТВ-презентерката, синот на аналитичарот, колоритниот транзициски лик Фрчкоски, вечниот функционер Жерновски, сега се придодаваат и испраќањето на Теута Арифи, Виктор Димовски и Зоран Попов. Ова покажува дека дипломатската служба се доживува како монета за поткусурување на меѓупартиски дилови“, велат од партијата на Христијан Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците особено реагираа за Арифи, со оглед дека, според нив, е скандал поради многубројните злоупотреби, меѓу кои и платите на стотици луѓе ангажирани во општината кои не работеле ништо.
-Госпоѓа Теута Арифи со она што го видовме во јавноста склучила 800 договори на луѓе кои останале дома и на кои им било платено, или не им било платено и тие пари завршиле на друго место. Уште поскандалозно, директорот на националната безбедност одговорен за ограничување на слободите и човековите права да биде награден со амбасадорско место – рече партискиот лидер Зијадин Села.
Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа,пак, вели дека Арифи, која како иден амбасадор ја напуштила општина Тетово со долг од 24 милиони евра, не претставува вредност ниту за ДУИ, ниту за државата што ќе ја застапува.