Опозицијата ја критикува власта: Уставните судии се помоќни од претседателот!

by Фокус

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предложените кандидати за уставни судии, при што на дневен ред беше расправата за Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип.

Пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека сите кандидати за уставни судии кои се предложени и усвоени се дел од системот кој направи доверба во судството од 8 проценти.

-Доколку видиме дека овие кандидати се дел од системот кој што ја донесоа државата во однос на индексот на корупцијата од 66-то на 111-то место, ќе сфатиме дека нешто смрди во државата. Ќе сфатиме дека и понатаму мнозинството и она што се договара на Бихаќка апсолутно нема никаква намера да се подобри во иднина – рече Здравковски.

Според него, функцијата уставен судија е можеби помоќна и од функцијата претседател на државата, затоа што, рече тој, ги има речиси истите права, но двојно подолг мандат.

Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека ваквиот начин на избор на уставни судии нема да влезе во скринингот што треба да го започне Европската Комисија, бидејќи, според него, ќе изгледа дебело разочарувачки.

-Ваков избор на судии не е добар. Една власт која се декларира за проевроспска и ги почитува европските вредности требаше да премине кон разговор со опозицијата и сите чинители во општеството за да се изнајде законско решение по кои критериуми и како ќе се избираат уставни судии – истакна Петрушевски.

Според него, Добрила Кацарска беше ниту морално ниту стручно соодветна да биде уставен судија.

-За разлика од ваквите ликови како Кацарска и од вакви кандидати како Јолески, Васиќ, имаме и неколку биографии кои за жал нема да бидат поддржани од СДСМ. Намерно власта не дозволи сите овие предложени кандидати, без ралика од која политичка партија се, да дојдат тука, да ја елаборираат својата кандидатура и да одговараат на прашања на пратеници, за сите да дојдеме до вистинската слика за кандидатите – рече Петрушевски.

Изминативе денови, на седницата, членовите на Комисијата ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, да биде предложена до Собранието за судија на Уставниот суд.

Досега, освен за Васиќ Бозаџиева, пратениците дадоа поддршка и за кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер.

И републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески се предложени од владејачките партии.

Поврзани новости