Опозицијата го нарече Филипче „кецарош“ во негово отсуство, бараат оставка

by fokus

Во жестока расправа на Комисијата за здравство на која се дискутираат измени на Законот за заштита на населението од заразни болести опозицијата бара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче и специјална комисија која ќе се справува со корона кризата.

Расправата достигна кулминација кога пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески му порача на Филипче дека се консултирал со стручни лица, инфектолози од Прилеп и од други градови кои велеле дека дел од рестриктивните мерки кои треба да се донесат во Собрание биле задоцнети и нема да дадат резултати и дека требало да бидат донесени порано.

Тој побара Филипче да си поднесе оставка бидејќи на почетокот на кризата прогнозирал 2000 заразени со корона вирус, а денес имаме 30.000 заразени.

-Заврши филмот со шлапкање на рачињата и стикери Венко Филипче, сега луѓе умираат. Вие со чисто срце и чист образ треба да си поднесете оставка, рече Ристески и побара од Филипче да каже какви се неговите прогнози со носењето на овие мерки.

Во одговорот Филипче го опомена пратеникот дека тој единствен во собраниската сала не носел маска, зборувал за мерки, а самиот не ги почитувал мерки.

-Не знам со кого се консултирате, кога ќе читате напишан текст нека ви го напишат со големи букви прецизно да прочитате. Ова се мерки препорачани од СЗО и се применуваат во сие земји од регионот. Се уште немаме научни сознанија за трансмисијата на вирусот и основните принципи се идентични, рече Филипче и излезе од салата.

Во негово отсуство Ристески нервозно му порача дека ако сака да се доедуцира ќе се доедуцира од најдобрите, а не од него.

-Ако барам доедукација ќе барам од некого што има постигнати резултати. Не се учи од кецарош, од последниот, се учи од најдобриот, од оној кој постигнува резултати, рече Ристески, а после се дополни дека не зборува за Филипче како лекар, туку за Филипче како министер.

На седницата на Комисијата се расправа за измените на Законот за којшто власта денеска поднесе амандмани кои предвидуваат носење на маска на отворено, забрана за групирања на отворен простор и самоизолација во период на тестирања.

Освен власта амандмани имаат поднесено и пратеници од опозициските партии. Овој закон треба да се донесе по скратена постапка, а Филипче неколку пати апелираше да се донесат измените за да се воведат рестриктивните мерки кои би требало да го намалат бројот на заразени од Ковид – 19.

Поврзани новости