Членовите на Советот на Општина Битола од редовите на опозицијата предводена од СДСМ, на денешната седница повторно побараа оставка од битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е во домашен притвор на барање на Специјалното јавно обвинителство во рамки на предметот „Транспортер“.
– Јавно да го видиме решението на Кривичниот суд Скопје, што пишува и кои се надлежностите на Талески по лишувањето од слобода и по изрекувањето на мерката куќен притвор, оти тој по разговорот во СЈО кажа дека работел по инструкции на обвинителството. Бараме да се формира комисија која ќе утврди дали од денот на притворањето Талески потпишал некој документ, дали некоја одлука се реализирала и дали нанел некоја штета на Општината – рече опозициската советничка Габриела Илиевска.
Силвана Ангелевска, претседателка на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара да се почитува презумцијата на невиност.