Околу една третина од опожарената дрвна маса за време на ланските шумски пожари, кои најмногу ја зафатија Источна Македонија, веќе завршиле кај приватни субјекти, односно кај компании од дрвопреработувачката индустрија и производители на пелети, чија цена годинава драстично порасна во однос на лани, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
За време на ланските шумски пожари, само во регионите на Делчево, Пехчево и Берово изгоре дрвна маса со површина, која, според различни официјални извори, варира од 380 до 395 илјади кубни метри, додека шумската штета се проценува на околу 24 милиони евра.
Како што не информираа од Јавното претпријатие „Национални шуми“, во февруари годинава објавиле повик за интерес на кој, како што истакнуваат, се пријавиле заинтересирани купувачи за опожарената дрвна маса, со кои, согласно наведените критериуми, се склучиле купопродажни договори.
Притоа, од таму одбија да откријат со кои компании биле склучени договори, како и колку изнесува вредноста на овие договори, меѓутоа посочија дека досега склучените договори се однесуваат за 120.000 кубни метри опожарена дрвна маса, или околу една третина од вкупно опожарената дрвна маса што треба да се отстрани во рок од 2 години.
Инаку, јавното претпријатие делува според задолженијата од изготвените записници и решенија од страна на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, од каде, пак, не информираа дека издале 4 решенија кои, меѓу другото, предвидуваат воведување и одржување шумски ред на опожарените површини, следење на здравствената состојба и појавата на обнова на опожарените површини итн.
Во меѓувреме, цената на пелетите порасна скоро двојно во споредба со лани, па ако лани една вреќа од 15 килограми чинеше под 200 денари, а вон сезона можеше да се купи и за околу 150 денари, сега чинат скоро 300 денари, главно поради поскапувањето на струјата и енергенсите.
Што се однесува до цената на огревното дрво, пак, таа се уште не е покачена, но само прашање на време е кога тоа ќе се случи, имајќи во предвид дека предлогот за покачување од 20 отсто е веќе подготвен од страна на ЈП „Национални шуми“ и веќе ги минува потребните филтри, пред да дојде пред Влада.
Засега, Владата и Министерството за земјоделство не планираат да донесат мерка за забрана за извоз на огревно дрво и дрвни сортименти по примерот на Србија и други држави, додека периодов, според информации од Владата, Министерството донело и едно одобрение за извоз.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски