Непознати сторители вечерва опожарија три контејнери за отпад лоцирани на булеварот „Крсте Мисирков“ во близина на Бит-пазар. Опожарените контејнери беа со зафатнина од 3,2 метри кубни и се целосно уништени и неупотребливи, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Информира дека опожарените контејнери веднаш ги замени со нови за да не се наруши динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад.
-Ова е трет случај годинава од страна на непознати сторители да бидат опожарени садови за одлагање отпад на истата локација, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје и апелираат да престане уништувањето на контејнерите, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно оперативната програма за работа.
Од ЈП Комунална хигиена-Скопје информираат дека сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и упатува апел до МВР во најкус можен рок да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите