488
Брзата реакција на Територијалната противпожарна единица од Делчево спречи пожар од поголеми размери во Делчево откако од експлозија на плинска боца изгоре една соба од станбено живеалиште на улица ,,Првомајска”. ТППЕ Делчево според информациите на дежурните пожарникари дојавата ја примило во 19:20 часот.
-Во гаснењето на пожарот учествуваа три возила и шест пожарникари при што пожарот беше навреме изгаснат, а со тоа и оневозможен да се прошири на останатиот дел од куќата, како и на околните објекти, информираат од противпожарната служба.
Додаваат дека за среќа во пожарот нема повредени лица.
Ова е втор пожар за една недела во Делчевско. Во пожар кој пред неколку дена се случи во делчевското село Тработивиште беше опожарена сушара, сопственост на жител на селото.