Главниот обвинител на Обвинителството на Босна и Херцеговина, Миланко Кајганиќ денеска потврди дека е предложен притвор за пет лица кои се третираат како членови на криминална група вклучена во издавање фалсификувани дипломи од приватни факултети и училишта, тврдејќи дека во Босна и Херцеговина такви дипломи можеа да се купат и на бензинска пумпа.
Кајганиќ посочил дека за време на операцијата со кодно име „Кластер“, која беше спроведена на почетокот на неделава, беа уапсени вкупно 11 лица кои се поврзани со издавање и продажба на фалсификувани дипломи, а пет од нив треба да останат во притвор до поднесување на обвинителниот акт, додека за останатите шест беа предложени мерки за забрана на напуштање на местото на живеење.
За време на рацијата спроведена во вторникот, полицијата пребара десет локации во областа на Бања Лука, Бјелина, Источно Сараево, Приједор, Козарска Дубица, Брчко, Травник и Мостар, додека истражителите беа насочени кон приватни универзитети и колеџи лоцирани во овие градови.
-Ова е еден од најзначајните случаи досега во борбата против корупцијата во Босна и Херцеговина – тврди Кајганиќ.
Во Обвинителството на БиХ сметаат дека тоа е основата на сета друга корупција, бидејќи кој ќе купи универзитетска диплома продолжува да постапува на сличен начин и кога е вработен во правосудството, полицијата или здравството.
-Тоа е основата на системската корупција, а злоупотребите во високообразовните институции се катализатор на целата корупција во Босна и Херцеговина – рече Кајганиќ.