Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница по зачестените дојави за бомби во државава вчера на состанок оцени дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и донесе одлука да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани.
-Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани, соопштија од Владата по седницата на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.
Со оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР. Оперативниот тим ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и од Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.
Главни задачи на оперативниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво. Меѓу другото, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот, информираа од Владата.
На состанокот присуствувале првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Бујар Османи и за одбрана Славјанка Петровска, директорите на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник Ивица Ампов, а како ад-хок присуствувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.