„Опенхајмер“ освои седум Оскари од 13 номинации

by Fokus

Академијата за филмски уметности и науки ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа утрово во „Долби театарот“ во Лос Анџелес.

Филмот „Опенхајмер“ (Oppenheimer) триумфираше со седум освоени одличија, од вкупно 13 номинации.

„Опенхајмер“, на годинашното, 96-то доделување „Оскари“, ги доби признанијата за најдобар филм, машка главна улога (Килијан Марфи), машка споредна улога (Роберт Дауни Џуниор), режисер (Кристофер Нолан), како и најдобра кинематографија, монтажа и филмска музика.

Статуетки за главна и споредна женска улога добија Ема Стоун (за филмот „Бедни суштества“) и Дејвин Џој Рендолф („Останатите“).

„Бедни суштества“ ги освои и трите „Оскари“ за продукциски дизајн, шминка и фризура и за костимографија.

Најдобро оригинално сценарио, според Академијата, е она за „Анатомија на падот“ на француската режисерка-сценаристка Жустин Трије.

Најдобро адаптирано сценарио има филмот „Американска фикција“ на Корд Џеферсон.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) продуциран во Обединетото Кралство и Полска.

Одличјето за најдобри визуелни ефекти го доби филмот „Годзила минус еден“ од Јапонија.

Најдобра филмска песна е „What Was I Made For?“ на Били Ајлиш од филмот „Барби“.

Најдобар цртан филм е јапонскиот „Момчето и Херон“.

Најдобар краток филм е „Прекрасната приказна за Хенри Шугар“.

За најдобар анимиран краток филм е прогласен „Војната е завршена“.

Најградата за документарен филм му припадна на режисерот Мстислав Чернов за „20 дена во Мариопољ“.

Најдобар краток документарец е „Последниот дуќан за поправки“ на Бен Праудфут и Крис Бауерс.

Поврзани новости