Поп музичарот Ѓоко Ѓорчев деновиве снима нова авторска песна, за која вели дека им ја посветил на двајца браќа од неговото родно Неготино, затоа што со многу труд допринеле целиот свет да слушне за нивниот град.
Како што раскажува за ,,Фокус”, песната им ја посветил на Кирил и Ѓорѓи Богевски, кои во далечната 1998 година ја основале првата приватна винарија во земјава, ,,Бовин”.
-И самата песна ја насловив ,,Песна за Бовин”, а во неа пеам за подвигот на овие луѓе кои први ја имаа храброста да започнат еден ваков бизнис, со сопствен труд, а набргу со квалитет го освоија пазарот. Тие беа пионери кога се висококвалитетните вина во Македонија во прашање, и им го отворија патот на многу други приватни винарии потоа. Значи, оваа успешна приказна започна токму од нашиот роден град Неготино, и се слушна надалеку, овие вина направени со грозје од нашето поднебје се одличен промотор на општината и едни од најнаградуваните во земјава. Кога некој успеал на таков начин да го испромовира нашиот град, заслужува да се најде во песна – раскажува Ѓорчев.
Додава дека според него, секој еден кој во некоја општина ќе успее да створи некаков бренд, треба да ја добие поддршката од своите сограѓани, затоа што во интерес на сите е да се има што е можно повеќе успешни приказни во секој град.
-Тие постојано добиваат високи признанија и награди во земјава, но и во светот, а јас сакав со оваа песна да им оддадам и лично признание, да остане нумерата да се пее и во иднина и да не се заборави што направија за овој град. Поддржуваат многу настани, лично мене ми се огромна поддршка во кариерата повеќе од две децении. Само така, со меѓусебно поддржување и давање на ветар во крилја на оние кои искрено се трудат да направат нешто добро, ние можеме да одиме напред – вели Ѓорчев.
Појаснува дека песната ја пее во дует со Кате Брезева од Соната, текстот го напишал Огнен Неделковски, а пак музиката и аранжманот биле на Цане Петров.
-Двајца браќа, една приказна, сосем сами сѐ направија, Божја крв и вечна вистина, Бовин, чудесна винарија – тоа се дел од стиховите на оваа нумера за која верувам дека ќе биде ширум прифатена, посебно во Тиквешијата – раскажа музичарот, кој пред два месеци одржа солистички концерт на старата чаршија во Неготино, а за дочекот на Новата година ќе има настап во познат ресторан во градот заедно со неговиот колега Сашо Ѓорѓиев од групата „Нели ти реков”.
Вики Клинчарова