Опасна состојба!?

by Frosina Fakova

Албанците се преуморни од владеењето на една партија цели дваесет години со сите недозволиви средства, кои и кога зборуваат за демократија, мислат на злоупотреби. И кога зборуваат за чесност, мислат на грабеж

 Мерсел БИЉАЛИ

Наскоро ќе имаме нова влада. Странците намигнуваат накај веќе тргнат евроатлантски пат. Останува кој од субјектите на Албанците ќе бидат дел од власта, не само поради „Бадентер“, оти го има во секоја комбинација, туку првенствено поради императивната потреба од нов пристап кон новите вредности.

Тоа што се случувало изминативе три години, некако може и да се оправда поради тешките одлуки, но сега кога веќе сме на виделина, секој пропуст скапо ќе нè чини. Ќе мора да се поздравиме со убиствената партизација, која ни создаде болно канцерогено општество, од кое само мерит-системот може да нè излечи. Наскоро стартуваме со преговори со ЕУ, а првиот тест ќе биде токму тоа.

 ДИК И УПРАВЕН СУД ПОСТАПИЈА ПОВРШНО

И изборната регулатива ќе мора на операциона сала, оти ваква каква што е, дури и кога кражбата е видлива од Месечината, таа не е видлива за ДИК и за Управен суд. Првата е конструкт на чист партиски пазар, а вториот нема поголем капацитет од селски мировен совет, па мора да функционира со далечински управувач. И едните и другите кажаа дека не знаат да мислат, па затоа постапуваат само површно! Па, тогаш зошто ги плаќаме за чиста механика кога тоа може да го прави најобичен евтин компјутер. Барем тој не бара пари, а ниту е политички послушник. Тоа е исто како да ги гледате крадците со вреќи пари во банка, а да велите штом ги нема на камерите, не се тие! Така ние секогаш сме или на раскрница или на кружен тек.

За жал, со години Албанците беа тероризирани и газени од албанската партијата на власт. Важни сегменти на државата погрешно живеат со заблуди дека без ДУИ нема стабилност во државата. Тоа само по себе покажува дека аналитичките и другите интелигентни служби на државата се на ниво на аматерски риболовни друштва.

Сите сериозни анализи што се објавуваат по елитните странски научни ревии, токму на таквото насилно опстојување на власт се смета за потенцијална опасност за мирот и безбедноста. Трајното владеење на ДУИ со недозволиви методи и тешки злоупотреби, кај Албанците има создадено чувство на зграпченост, бесперспективност, окупација и стагнација. Тоа е критичка точка на вриење по која многу што тргнува по опасен пат.

А бројни странски автори сметаат дека владите тоа намерно го толерираат со цел да се иселува таа заедница. Токму ваквото мислење е многу опасно за регионалната стабилност. Да се одржат на власт тие што на секое решение му наоѓаат проблеми, во најмала рака е внатрешна опасност. Да се присетиме само на последниве локални избори, кога ДУИ не можеше да добие ниту една градска општина, но со огромна помош на СДСМ ги доби речиси сите најголеми општини.

НЕ Е ПРОБЛЕМОТ ВО ЗНАМИЊАТА

Ама тоа не било проблем. Проблем бил тоа што опозиција на протест за масовна кражба не носела државно знаме и канонада од напади поради тоа! Па, кој будала ќе носи знаме на држава која елементарно не го штити од насилници, узурпатори и грабливци. А познато е дека ако сте под контрола на тие узурпатори, тогаш ќе бидете само експлоатирани, а ако не сте, тогаш ќе бидете згазени!

Токму овде е вистинската опасност за државата, а не во знамињата. Гледајќи ги постапките на ДИК и Управен суд, луѓето оправдано си мислат дека државата штити само насилници и корумпирани. При такви состојби, знамето ми е проблем дури и мене како екстремен космополит.

Втора заблуда е тезата дека влада треба да се формира меѓу победник и победник. Тоа, не само што во суштина ги маскира и елиминира суштинскита работи – злоупотребите, крадењето гласови, политичката провениенција, програмските определби итн., туку го релативизира и економскиот развој како клучен параметар. ДУИ е „победник“ веќе 19 години, а без елементарни економски резултати!

Оттука, или со гласачите нешто не е во ред (што не би требало да е така), или гласачкиот процес перманентно е силуван. Како, на пример, тие разочарани гласачи што пред три години гласаа за СДСМ, сега пак се „вратија во орловото гнездо“ како што изјавиле дуиџиите?! Тоа е врвен апсурд.

Во Белорусија, Азербејџан, Узбекистан и во слични хибридни држави, перманентно победува власта! При наши услови, ако подолг период тоа се толерира, а уште полошо се наградува, обично завршува многу лошо за државата и регионот. Фер односот е единствен пат по кој треба да се движи секоја држава, особено етнички мешаната. Исто така, што ако на пример дијаметрално се разликуваат програмските определби на партиите „победници“! Мислам дека поприродно е досегашното да се замени со „мнозинството Бадентер“, кое не само што ќе ги намали злоупотребите, туку и поприродно ќе функционира.

ЈАВНИОТ СЕКТОР ПОЛН СО НЕПИСМЕНИ

Третата заблуда е партизирањето на јавниот сектор. За жал, по изборите, пленот се тендерите и партиските вработувања. Сега јавниот сектор е полн со неписмени. Владите, наместо да понудат сериозни стопански проекти, каде што масовно ќе се вклучат амбициозни кадри, таа нуди паразитски партиски вработувања, кое во краен рок доведува до хаос. Тоа е дупло зло. Прво, примаат плата непрофесионалци и некомпетентни, а второ, се губи вредноста што тие би ја создале кога би се вработувале во економијата.

Во западноевропските држави, еден вработен во јавниот сектор покрива 9 вработени во стопанството (и услужните дејности). Во земјите на источна Европа тоа е околу еден спрема седум. На Косово е еден спрема четири. А кај нас жива катастофа – еден спрема околу два! Тоа значи дополнителни 700 милиони евра годишно за нивни плати и други трошоци, а тие можеби поуспешни ќе беа во стопанството ако државата им нуди добри проекти и идеи. Би создале материјални вредности и би плаќале даноци. Значи околу милјарда и пол губиме годишно само поради партиските задоволства и намањето развојна визија. Пари од ЕУ сега ќе има, но треба волја и визија за суштински реформи.

Албанците се преуморни од владеењето на една партија цели дваесет години со сите недозволиви средства, кои и кога зборуваат за демократија, мислат на злоупотреби. И кога зборуваат за чесност, мислат на грабеж. И кога зборуваат за правда, мислат на голема неправда. Па, и партија од ангели да беа, за 20 години власт ќе се претвореа во партија на ѓаволи.

Го уништија образованието, ја газеа културата, хронично го разболеа здравството, ја понижија социјалата и што уште не?! Опустошија шуми, земјоделство, сточарство, трговија, традиција, морал… Треба да се испитуваат сите концесии за вода, кои во сржта се сомнителни. Единствен прогрес што направија е во доменот на корупцијата и криминалот. А народот пак „ги гласал“!

Дваесет години зборуваат за Рамковниот договор, кој требаше да биде имплементиран во далечната 2004 година, а од Јанкулоска очекувале да им го напише Законот за јазиците. Па, затоа имаат драстичен пад на поддршката кај гласачите, која морале да ја компензираат со притисоци, закани, пари, уцени, полнење кутии итн.

Замислите на 34 избирачки места, каде што ниту во сон излезноста не поминува 23 отсто, таму е стасано до над 85 отсто излезност, а државата немала механизми за да го провери тоа, па моравме да слушнеме брука-изјави од ДИК и Управен суд! Башка што и тие гласови што вистински ги добија во голема мера се незаслужени, оти се добиени со голема измама – „сонот за премиерот Албанец“. И сега истиот тој премиер го качуваат наопаку на бесен коњ.

Поврзани новости