Иако обвинувањата дека медицинска сестра намерно повредила 3-месечно бебе на национална основа се затвори како обично недоразбирање, тоа истовремено отвори многу прашања. Прво, ова претставува пример за еклатантно кршење на професионалните и етички стандари од страна на медиумот кој ја објави ваквата неточна информација во сензационалистички манир, презентирајќи ја ударно само едната страна на приказната, без да се чуе и другата страна и да се направи синтеза на двете верзии според принципите на рамноправност, неутралност и објективност. Покрај тоа, се покажа дека политичките актери во трката за политички поени се спремни дури да злоупотребат и дете, при што крајно несоодветна реакција имаше ДУИ, која очигледно ќе ги засилува штетните наративи врз меѓуетничките односи како наближуваат локалните избори, кои ќе бидат второ полувреме од нивната битка со ВЛЕН. Ако токму по локални избори заминаа во политичка пензија Црвенковски, Груевски и Заев, дали истата судбина го чека и Ахмети?
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Од крајно сериозни обвинувања за физичко насилство врз 3-месечно бебе, до несакано недоразбирање – вака заврши приказната која настана откако семејство обвини медицинска сестра дека го повредила нивното бебе, бидејќи наводно и сметало тоа што бебето било од албанско семејство. Притоа, ваквата верзија осамна во јавноста и предизика неумесни реакции од албанскиот политички фактор.
Овој случај има 2 димензии. Прво, тоа е непрофесионалниот третман на темата од страна на медиумот, каде првично беше публикувана. Иако се работи за сензитивна тема, од причина што инволвирано е бебе врз кое наводно било извршено насилство, и тоа мотивирано на верска или национална основа, првичната верзија на семејството и нивните обвинувања се пренесени безпоговорно и сензационалистички.
Имено, факт е бебето со видливи рани или повреди, но во првата фаза никако не можело да се констатира како настанале тие повреди. Дури откако јавно излезе тврдењето на семејството дека медицинската сестра го повредила бебето бидејќи таа била Македонка, а тие Албанци, се најави формирање на комисија која ќе го испитува случајот и допрва ќе ги утврдува сите аспекти и околности.
Арно ама, јавноста генерално имаше свој став и суд за настанот, бидејќи веќе беше мобилизирана од страна на обвинувањата со емотивен набој на семејството преку медиум, кој првично требаше да ја објави основната информација дека има повредено бебе на Детската клинија, но не и веднаш да одговори на новинарското прашање „зошто“. Зошто настанале повредите?
Со оглед дека одговорот на ова прашање се дава од страна на семејството, а не од страна на независен орган или трета страна, морало да се пристапи внимателно. Односно, имајќи ја во предвид специфичноста на случајот, поради тоа што станува збор за повредено бебе, а воедно има и националистички тон, морало да се побара и втората страна и да се обезбеди таа верзија од приказната, макар и ако за тоа морало да се почека ден-два.
Во ваков случај, кога обвинувањето на семејството и реакцијата на обвинетата мединска сестра не се синтетизирани врз база на принципите на рамноправност, неутралност и објективност, туку се зема „здраво за готово“ едната страна и таа се пласира ударно и резолутно, во најмала рака, имаме неетичко известување, дури и со елементи и на пропаганда и поттикнување говор на омраза.
Откако на крај се испостави дека немало никакво (намерно) насилство врз бебето, туку дека случајот бил производ на недоразбирање, се поставува прашањето кој и како ќе ја надомести штетата врз кредибилитетот и угледот на неправедно обвинетата медицинска сестра? И второ, а можеби и побитно, како ќе се санираат штетите врз меѓуетничките односи, поради исклучително опасниот националистички наратив од партиските кујни?
Како што е веќе познато, министерот за здравство Арбен Таравари веднаш, без да ги разгледа сите детали за настанот, реагираше со афирмативен пристап кон првичните обвинувања на семејството кон медицинската сестра, кои на крај се покажаа неточни. Сепак, на тој начин, Таравари од позиција на министер и даде одреден легитимитет на таа лажна или нецелосно точна информација, која го распламти и меѓуетничкиот оган.
Ако првично се прашувавме што му требаше такво брзоплето однесување на Таравари, кој инаку важи за умерен и одмерен политичар, за многу брзо ни се разјасни, откако ја видовме жестоката реакција на опозициската ДУИ. Поточно, партијата на Али Ахмети го осуди, како што соопштија од таму, скандалозното однесување од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника.
Дополнително, според „интегративците“, тоа „неприфатливо и нечовечно однесување е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците“. Со други зборови, освен што ДУИ тврди дека имало насилство врз бебе од етнички причини, што испадна лага, дури и обвинува дека тоа се случило поради тоа што во владата не се тие, туку таму се ВЛЕН, иако ги загубиле изборите?!
Едноставно, посмешна и подегутантна експликација и аргументација на една мејнстрим политичка партија немало во последно време. Она што е уште полошо, ваквите тенденциозни наративи, кои гледаме дека се градат дури и преку злоупотреба на деца, ќе продолжат и во следниот период и се очекува да кулминираат во пресрет на следните локални избори, на кои ќе се одлучува за судбината на ДУИ, барем во ваков состав и формат.
Нема дилеми дека локалните избори ќе бидат второто полувреме од пресметката меѓу ДУИ и ВЛЕН. Ако ДУИ успее да победи, тогаш може да се врати на голема врата и да ги засили притисоците врз, условно кажано, албанскиот дел од владата. Ако ВЛЕН стана дел од власта со помалку гласови и пратеници од Европскиот сојуз предводен од ДУИ, тогаш тешко ќе може да „преживее“ и јасен, чист и убедлив пораз на локалните избори.
Но, од друга страна, што ако ВЛЕН победи на локалните избори, а на добар пат е тоа да го стори во сите големи центри со албанско доминантно население (Тетово, Гостивар, Чаир…), бидејќи таму и сега самостојно се силни, додека значајна додадена вредност ќе им бидат и етничките Македонци, кои претежно инклинираат кон ВМРО-ДПМНЕ, нивниот коалициски партнер? Ако кандидатите на ВЛЕН триумфираат, тогаш ДУИ дефинитивно го чекаат долги години во опозиција.
Автоматски, ваков епилог ќе ја турне партијата во процес на длабоки реформи од структурен, организациски, па и кадровски карактер. Тоа не мора да значи и брза лидерска смена, меѓутоа и тоа ќе дојде на дневен ред – заминување на Ахмети и избор на негов наследник. Во минатото, Бранко Црвенковски, Никола Груевски и Зоран Заев заминаа во политичка пензија токму по локални избори, па дали локални избори ќе бидат кобни и за Ахмети?
Ако во перидот 2016/2017 се создаде една атмосфера сите да се свртат против ВМРО-ДПМНЕ, сега таков амбиент се создаде против ДУИ, која освен што против себе обедини дека широк фронт предводен од ВМРО-ДПМНЕ, против нив се и делови на СДСМ, додека останаа без поддршка и на меѓународната заедница, чии официјални претставници ја сметаат актуелната влада за легитимна, бидејќи, меѓу другото, имала и етнички диверзитет.
Оттука, ДУИ ја чекаат тешки денови и партиското раководство е свесно за тоа, па се обидува да го радикализира јавниот дискурс. И, не е проблематично кога тоа се прави за политички теми и прашања, но кога се злоупотребува и случај со повредено бебе, особено кога таков случај бил повеќе конструкција отколку реалност, тоа е опасно за меѓуетничките односи. Токму оваа ризична игра на политички давеници е аматерска, а не тоа што многумина го критикувале непрофесионалното објавување и манипулативното преземање на сторијата за „претепаното“ бебе, што на крај се сведе на обично недоразбирање.