Опаѓа бројот на активни, новозаразени и починати од Ковид-19

by Fokus

Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава продолжува да опаѓа и во моментов изнесува 802. Се намалува и бројот на новозаболени и на починати, а низок е и дневниот процент на заразени.

Над половина од активните (431) се Скопје, а повеќе од 100 има уште само во Битола каде што се евидентирани 126. Болни од ковид нема во Крива Паланка, Дебар, Богданци, Кратово, Македонски Брод и Дојран, а само по еден случај има во Свети Никола, Виница, Пробиштип, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Пехчево и Македонска Каменица.

Во претходното деноноќие беа забележани 127 нови случаи од 1.908 тестови што е околу 6,6 отсто.

Епидемиолошката состојба продолжува да се подобрува, но министерот за здравство Беким Сали сепак предупредува дека граѓаните треба да останат внимателни, а институциите подготвени.

Се намалува и интересот за вакцинација. Вкупниот опфат на вакцинирани е 46 отсто, иако Сали вели дека има доволен број вакцини за сите што сакаат да се имунизираат.

Состојбата со Ковид-19 се подобрува и во светот. Според евиденцијата на сајтот „Ворлдметерс“, во изминатите седум дена на глобално ниво бројот на новозаболени е намален за 30 проценти, а само во Европа за 31 отсто. Значително зголемување од 127 проценти се бележи во Кина каде што во изминатата седмица се регистрирани 21,5 илјади случаи.

Податоците за Северна Македонија покажуваат дека бројот на новозаразени е намален за 23, а на починатите за 72 отсто. Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 308.878, бројот на оздравени е 298.811, а на починати 9.265.

Засега нема нови препораки од Комисијата за заразни болести за ублажување на мерките.

Од вчера престана да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во земјава задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР-тест направен 72 часа пред влезот во државава или негативен брз антиген-тест направен 48 часа пред влезот во земјата.

Веќе не важи и мерката за домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати или потврди.

Претходно, беше укинато и задолжителното носење маски во основните и средните училишта и во затворени простории, освен во болници, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Не се бараат ниту сертификати за влез во шопинг-центри.

Засега останува во сила обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност за затворените делови на угостителските објекти.

Поврзани новости