Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги отфрли барањата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кои ги претстави пред Советот на Европа, бидејќи не се совпаѓаат со унгарските интереси.
– Не дозволуваме Унгарија да биде вмешана во војна. Нема да испраќаме војници или оружје во Украина. Унгарија за нас е на прво место, напиша Орбан на Фејсбук.
Претходно, Зеленски побарал од Орбан да одлучи на чија страна е, а Орбан му рекол дека Унгарија сака да остане настрана од конфликтот и да не транспортира оружје во Украина преку своја територија и дека нема да испраќа вооружена помош во Киев, пренесе агенцијата МТИ.
Во своето обраќање пред Европскиот совет синоќа Зеленски побара од унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја разјасни својата позиција конкретно за Русија.
– Унгарија, морам да застанам тука, да бидам искрен. Еднаш засекогаш треба да одлучите на чија страна сте. Вие сте независна земја. Сум бил во Будимпешта неколку пати, го сакам тој град. Луѓето се срдечни, знам дека поминавте низ некои трагични настани. Бев во меморијалниот центар покрај Дунав, на местото каде што беа извршени масовни убиства. Бев таму со моето семејство. Слушај, Виктор! Знаете ли што се случува во Мариупол во моментов?, го прашал Зеленски, Орбан.
Тој побара од Орбан да излезе на кејот на Дунав во Будимпешта и го праша дали се уште се двоуми дали треба да се воведат санкции.
Инаку, лидерот на владејачката полска партија „Право и правда“, Јарослав Качински, изјави дека не е задоволен од внимателниот однос на унгарскиот премиер Орбан кон Русија.
-Ако ме прашате дали сум задоволен, одговорот е не. Но ќе почекам избори, па ќе видиме тогаш – изјави Качински за полското јавно радио.