Онлајн состанок на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Македонија и Украина

by Fokus

Членови на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Врховната рада остварија онлајн состанок со своите колеги од Украина, при што беа повторени заложбите за понатамошно јакнење на поддршката и на соработката меѓу двете земји, во пресрет на тригодишнината од почетокот на руската агресија.

Пратеничката Ивана Василевска, претседателка на ПГ за соработка со парламентот на Украина, истакна дека македонското Собрание е силно поврзано со украинскиот парламент, со желба за понатамошно динамизирање на соработката со несмален интензитет.

Василевска посочи дека во изминатите години сме сведоци на воени дејствија на европско тло и изрази уверување за средба во живо со украинските колеги во, како што рече, слободна Украина.

Копретседавачот на Групата за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија во Врховната Рада на Украина, Валериј Зуб и во оваа прилика изрази благодарност за солидарност од македонска страна, посочувајќи дека тоа е од големо значење за украинскиот народ во соочувањето со инвазијата од Русија.

На онлајн состанокот се обрати и пратеничката Славјанка Петровска, посочувајќи дека верува во слобода и во демократија, како и во правото на секој народ да го одбере својот пат.

Потпретседателот на Собранието Јован Митрески, пак, истакна дека во македонското Собрание, и покрај промените на улогите по изборите минатата година, како и покрај разликите меѓу политичките сили за многу прашања, има мошне широк консензус во однос на поддршката на Украина наспрото руската агресија.

Поврзани новости