„Сакаме имиња и презимиња за ние пациентите да не се сомневаме во чесните доктори“.
Ова е пораката која синоќа ја испратија мала група онколошки пациенти кои се собраа на протест пред Обвинителството.
„Ние пациентите сакаме да се знае вистината. Кога овој бизнис почнал, кој допрел со прст до овој бизнис. Кои луѓе биле инволвирани, кои лекарства биле инволвирани. Ако треба да се оди и до 20 години наназад и сите 13 министри за здравство нека бидат викнати, сите поранешни директори. Да се осигураме дека нема да се случи повторно ваков скандал“, рече една пациентка во изјава за медиумите.
„Сите имаме изгубено некој. Нема фамилија ми се чини која немала онколошки пациент. Цел ден се прашувам дали направивме се што требаше да направиме за да го спасиме, после сите овие информации“, порача една од учесничките на протестот.
Завчера илјадници луѓе се собраа на голем протест пред Владата откако беше објавено дека на пациентите на Клиниката за онкологија им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогинете заболувања завршувале на црниот пазар.