Од Клиниката за Онкологија велат дека не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен вчера од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија. Во однос на конкретните обвинувања би сакале во целост да ги отфрлиме обвинувањата.
Прво, за ненавременото добавување на лекови и обвинувањата дека намерно не се давани негативни референци за компаниите добавувачи, фактите се следни. Клиниката од добавувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното. Во тие случаи на добавувачите им треба време за испорачување на нови количини. Ова не може да биде предмет на негативна референца.
Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостаток кој е честа појава за време и по пандемијата. Во однос на обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха непотребно, е неосновано и погрешно. Количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти. За еден од лековите (Абиратерон) воопшто и немало залиха и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки.
Оттаму апелираат да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката. Велат дека се транспарентни и отворени за сите институции за овој случај, вклучително и за Анкетната комисија.
„Ваквите политички манипуларани презентации на документација која не е ниту тајна, ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневни политички цели“ порачаа од Клиниката за онкологија.