Милиони деца и бремени жени се загрозени во регионите погодени од поплавите во Пакистан и им е потребна итна хуманитарна помош, соопшти Меѓународниот детски фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Децата се соочуваат со болести, давење и неисхранетост поради поплавите во јужноазиската држава, се вели во извештајот на УНИЦЕФ.
Децата се особено склони на болести кои се пренесуваат преку вода, како што се дијареја, респираторни инфекции и кожни болести, додаде УНИЦЕФ.
Во поплавите предизвикани од најобилните врнежи во повеќе од три децении загинаа 1.200 луѓе од средината на јуни и погодија повеќе од 33 милиони, главно во сиромашните јужни и југозападни делови на земјата.
Речиси 600.000 бремени жени во регионите погодени од поплавите имаат итна потреба од медицинска нега и услуги за ментално здравје, соопшти Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
– Речиси 73.000 жени кои се очекува да се породат следниот месец ќе имаат потреба од квалификувани придружници, грижа за новороденчиња и поддршка, се вели во извештајот на агенцијата.
Милиони жени и девојки, исто така, се соочуваат со ризик од родово насилство, наведе УНПФА, нагласувајќи ги заканите во регионите каде што семејствата живеат во импровизирани засолништа со шатори без пристап до тоалети и соодветна санитација.