ОН бара Грција да ги подобри условите во камповите за мигранти

by fokus

Грција треба итно да интервенира и да ги подобри „очајните“ и неприфатливи услови во своите преполни кампови за мигранти, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди денеска за време на посетата на грчкиот остров Лезбос.

– Без оглед на ситуацијата на тие луѓе, не можеме да прифатиме да живееме во очајни услови, изложени на насилство и експлоатација, рече шефот на УНХЦР Гранди по посетата на бегалскиот камп Морија на Лезбос.

Гранди, кој е во дводневна посета во Грција, додаде дека овие услови за живеење треба итно да се подобрат.

Неговата посета уследи по кратко време откако грчката Влада објави дека ќе спроведе голема програма за реорганизација на камповите за азил во петте егејски острови кои се најмногу изложени на прилив на мигранти заради близина на Турција.

Според грчките власти, повеќе од 39.000 баратели на азил во моментов живеат на тие пет острови – Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос, каде се регистрираат стотици нови пристигнувања дневно.

Поврзани новости