Владата официјално да ги извести сите граѓани што биле жртви на нелегалното прислушување, за потоа тие да можат да ја тужат државата за нарушената приватност и слобода на изразување, бара Комитетот за човекови права на Обединетите нации (ОН) во најновиот извештај за Македонија.
Во извештајот јасно е наведено дека прислушувањето на, како што пишува, илјадници граѓани, опозициски политичари и новинари го направиле државните тајни служби. Комитетот изразува загриженост што тоа се уште официјално не е признато, па жртвите не можат да бараат отштета.
Комитетот за човекови права изразува загриженост и за процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста, воведени со последните законски измени.
-Државата треба да избегнува понатамошно спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки кои можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје , стои во извештајот.