Економистите од ОН денеска побараа 2.500 милијарди американски долари за земјите во развој и отпишување на нивните долгови од 1.000 милијарди американски долари за оваа година, за да им се помогне во пандемијата на коронавирусот.
Во студија објавена денеска, Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) истакнува дека „сè потешко е да се предвидат“ ефектите од пандемијата врз економијата, но и дека е „јасно оти работите се влошуваат во економиите на земјите во развој“.
– Иако масовните планови за обнова кои сега се спроведуваат, овозможуваат да се избегне долгорочна депресија, тие нема да ја спречат рецесијата на светската економија оваа година, се додава во студијата.
Според овие експерти, земјите во развој, освен веројатно Кина и можеби Индија, ќе се соочат со сериозни проблеми поради пандемија.
Ефектите од пандемијата, во комбинација со глобалната рецесија, ќе бидат катастрофални за голем број земји во развој, според студијата во која се предвидува дека овие земји ќе треба да се соочат со дефицит од 2.000 до 3.000 милијарди долари во текот на следните две години.
Економистите на ОН затоа бараат план за поддршка за земјите во развој, кој би вклучил 2.500 милијарди американски долари парична помош, олеснување на долг од 1.000 милијарди американски долари за оваа година и 500 милијарди американски долари субвенции за итните здравствени служби и програми за социјална помош.
Тие исто така бараат воспоставување контрола на капиталот за да се „ограничи одливот на капитал“ од овие земји.