Омлетот на Жижек

by fokus

Пишува: Иво Рангеловиќ

Кон крајот на 1920 – те години, романскиот комунистички писател, Панаит Истрати, своеволно го посетил Советскиот Сојуз за да сведочи на насилството врз идеолошките неистомисленици. Во обид да го рационализира императивот во употребата на насилство, еден од спроведувачите на злото му вели на Истрати:

„Не можеш да направиш омлет, без да ги скршиш јајцата, нели?”, демагошката платформа која им послужи на бројни режими во изминатиов век.

Истрати, пак, на тоа му одговара: „Во ред. Гледам многу скршени јајца. Но, не гледам каде е вашиот омлет?”

Апликацијата на оваа анегдота во едно делo на Жижек зазема форма на рецепт со универзална употреба. Тука секако не изостанува и Македонија. Изминатава деценија ја карактеризираше нарација за еден народ кој никогаш не го вкуси долговетуваниот омлет. Скршивме многу јајца за да ни се сервира сеопшта агонија. Оттаму, потребна е целосна реинтерпретација на заспаната интелектуалност кај нас младите, нашата пасивност, но пред се, индолентноста која манипулира со нашиот морал.

Аналитичките опсервации на темата која претстои поаѓаат од две основни приказни со единствено гледиште: Брегзит-от на Островото, и изборот на Трамп за претседател на САД. Суштината која ги поврзува овие две приказни, впрочем поучни за сите нас, тлее во демографската аналитика. Имено, постои позитивна корелација помеѓу високообразувани млади во Велика Британија и поддршката за останување во ЕУ, односно помеѓу истиот профил на млади во САД и изборот на Клинтон за претседател. Во електоралниот судир на младите и старите во Велика Британија и САД, пресуди аверзијата кон личниот ангажман токму кај младите. Ваквиот облик на пасивност е нешто што ние не би смееле да си го дозволиме. Како деца на транзиција, нашата колективна обврска е да се спротивставиме на се што системот ни налага. Само така би можеле да загосподариме со демократијата. Автократските инсуинации од типот „не ме интересира политика” нè прави чинители на колективниот неморал. Еве зошто.

Индолентноста на младиот гласач ја заситува патолошката глад на популистите и демагозите. Нашата толерантност кон нормализација (не помалку и релативизацијата) на колективното незадоволство ја задоволува нивната приоритетна цел – да владеат. Таквиот конформизам повеќе е недопустлив. Евентуална суспензија на активното чинување во општеството ја запечатува нашата улога како чувар на злото. Па така, индиферентноста кон иселувањето на нашите блиски, или пак егзистенционалните предизвици во секој дом, перверзно ја афирмираa канонизација на оние од власта.

Верувајте, негодувањето на индивидуалецот му пркоси на секој систем. Опасноста, пак, од промена впрегнува онтолошка инфериорност на институциите према граѓанинот. Дополнително, секоја нова форма на активност го искоренува стравот од институциите. Нешто на што сите ние одамна му се поддадовме.

За таа цел, афинитетот за промена треба секогаш да биде достапен, но и да го надвладее отсуството на личен ангажман.

Желбата за промена на една власт иницира разгром во мантрата на македонскиот гласач. Нималку лесен потфат ако се земе предвид дека благосостојбата речиси никогаш не ни била на дофат. Но, велат, политичарите и пелените се менуваат од исти причини. Тоа е процес кој не треба да не чуди, уште помалку загрижува. Она што загрижува е безрезервното и бесрамно молчење на општествените дејци во потрагата по промена. Академици, професори, активисти, новинари, бизнисмени итн. чие формално дејствије ја изгуби суштината. Молкот ги претвори во ѕидари на ова Потемкиново село. Младите, во функција на диспозиција, напуштаат. Оние пак кои остануваат, „уживаат” во несоборлива пасивност. Ваквиот молк, младиот гласач би смеел да си го дозволи единствено во оној момент кога при земањето на плата, ќе му остане непознат оној кој е на власт.

Дотогаш, желбата за промена треба да ја узурпира нашата свест. Како Кантовата дигресија во метафизиката- моќта на сопствената перцепција е таа која формира одлука, а не поданичкиот менталитет кон општествените појави односно политиката. Ние тоа го можеме. Секој млад човек знае како се кршат јајца за да се направи омлет. Но, кога мислите на младиот гласач ќе се најдат помеѓу „лево” и „десно”, тој треба да си одбере омлет по своја мерка.

Авторот е магистер по компаративна политика при Универзитетскиот Колеџ Лондон. Дипломиран политиколог и економист при Бостонскиот универзитет.

Поврзани новости