Утринава се одјави естрадниот новинар Зоран Василевски, познат во јавноста како Зоки Фаци. Се одјави од етерот, од светот и од земскиот живот на 51 година.
Иако кон него светот не беше секогаш праведен, тој сепак живееше дишејќи со полни гради, и успеа да допре до многу животи со позитивност и љубов без предрасуди.
Денес социјалните мрежи се преполни со фотографии и видео снимки од Зоки. Со убави зборови од него се простуваат илјадници луѓе. Дури и оние кои молчеа додека врз него во повеќе наврати се спроведуваа јавни линчови во минатото, денес кажуваат дека бил предобра душа, неповторлив лик на нашата каква – таква, шоу-биз сцена и дека многу ќе фали.
Кон средината на август, кога пошироката јавност дозна дека Зоки се бори со канцер и треба да замине на лекување во странство, во интервју за ,,Фокус” тој изненадено зборуваше дека за првпат во животот, по дваесет години во етерот, почувствувал дека е сакан.
Одзивот на јавноста при собирањето на донации за неговото лекување, бројните пораки со поддршка и многуте љубезни гестови го трогнале до срж, па ни кажа дека дури откако се соочил со најтешкиот предизвик во животот, сфатил дека сепак, со својата работа успеал да остави траг и дека неговиот труд, сепак вредел.
-Не дај Боже во Македонија сите да те сакаат, оти кај нас тоа не е на арно. Или си тешко болен или пак си умрел, трето нема, му реков среде интервју.
-Е да, го имаме баш тој синдром, покажуваме љубов и грижа, дури откако некому ќе му се случи нешто лошо. Секогаш откако некого ќе изгубиме, му ја увидуваме вредноста. Да научиме дека љубовта и поддршката се покажуваат додека човек е жив, да не чекаме нешто лошо да се случи, за да признаеме нечија вредност. И во наслов на интервјуто тоа можеш да го ставиш.
А мене, оваа љубов која ја добивам и за првпат по долги години ја почувствував дури денес, многу ми значи и благодарен сум за неа, ни кажа, потсетувајќи дека многу јавни личности, помеѓу кои и Тоше Проески, за време на животот наидувале на препреки кои не ги заслужувале, а на кои и тој сведочел.
-Откако сме ги изгубиле, на некој начин увидуваме какви неверојатни личности сме имале, зборуваше со горчина.
За неговата работа како естраден новинар, првин зад тастатурата на дневниот весник Вест, а потоа пред камерите на А1 телевизија, од каде веќе неговиот лик стана широко препознатлив, а потоа и на други платформи, малку е да се каже дека беше врвен професионалец кој го следеше својот сон и направи револуција во естрадното новинарство кај нас.
Ги постави темелите на шоу-биз новинарството со отворен пристап и без влакна на јазикот, и токму тој пристап му донесе огромна гледаност.
Контоверзен за оние кои малку или воопшто не го познаваа, а човек со душа на дете за оние кои му беа блиски, Василевски им остави ризница на идните естрадни новинари од која ќе можат многу да научат.
Неговото испраќање ќе биде во недела во 12.00 часот, во црквата Свети Никола во Катланово, а во 13.00 часот ќе биде погребан на гробиштата во Катланово.
Вики Клинчарова