Нашата параолимписка победничка во Лондон во дисциплината стрелаштво со воздушен пиштол во 2012 година, која на Македонија и донесе злато, Оливера Наковска Бикова, утре заминува на Параолимпијадата во Токио.
Ова е петта параолимпијада за стрелачката која ќе учествува во три дисциплини, П2-воздушен пиштол жени 10 метри на 31-ви август, потоа на 2-ри септември во П3-спорт пиштол 25 метри, и на петти септември во П4-пиштол слободен избор 50 метри.
Битолчанката која успеа да ја направи Македонија горда со големиот успех во 2012 година, изминатиот период интензивно се подготвувала за настапите во Токио, тренирајќи на стрелиштето Бејбунар во Охрид.
Нејзиниот сопруг Златко, во разговор за „Фокус“ вели дека последните два месеци тренирањето од по четири до пет часа и било секојдневие, и таа во одлична форма тргнува во Токио.
-Стрелаштвото, секако покрај семејството, за Оливера е најголемата љубов, па така изминатите два месеци и поминаа во интензивни подготовки. Заедно со нејзиниот тим посветено работеше, а во нејзин стил, максимално се трудеше и околу децата, да не се почувствува нејзиното отсуство поради тренинзите. Таа секогаш добро балансира помеѓу сите обврски, и тоа е нешто кај неа кое не прави да бидеме горди.
За успесите кои веќе 20 години наназад ги освојува на интернационално ниво, што и да кажам, премалку е. И сега, пред тргнувањето во Токио, силно верувам во неа, знам дека е во добра форма, и нема да кажам дека повторно очекувам злато, бидејќи не сакам да и создавам никаков притисок пред заминување. Како ќе се поклопат коцките, така ќе биде, за нас таа веќе е победник – вели Биков, кој по потекло е од Кавадарци, и не крие дека уште од првиот момент кога ја запознал Оливера во 2002 година, знаел дека таа е вистинската, па се преселил во нејзиниот роден град, во Битола.
Ги имаат ќерката Викторија и синот Илија, кои се нејзини најголеми навивачи, а Златко појаснува дека ќе ја испратат истурајќи вода пред прагот, според стариот адет, за да и поминат натпреварите лесно.
-Ќе ја бодриме Оливера пред малите екрани, таа е единствена учесничка на Параолимпијадата во Токио од нашата земја. Таа е неверојатна жена, достоинствено ќе ги брани боите на нашата држава, со цело срце, посветено, како и секогаш – раскажува Биков.
Инаку, Оливера била родена без лева рака, а пак Златко исто така е телесен инвалид, со слаба церебрална парализа, поради која што накривнува на едната нога, но физичкиот хендикеп никогаш не претставувал никаква пречка во нивните животи.
Вели дека и покрај нивните физички хендикепи, тие функционираат беспрекорно, се дружат со многубројните пријатели, посветуваат многу време на децата.
-Живееме исполнет живот, талентот, но и упорноста и трудот кој Оливера го вложува во стрелаштвото се доказ дека се е можно, кога се сака од срце. Нема препреки кои не можат да бидат совладани, кога има љубов. Им благодариме на сите за поддршката која и ја даваат изминативе две децении, и да ја бодриме и на претстојната параолимпијада – порача Биков.
Вики Клинчарова