Македонската писателка за деца и возрасни, Оливера Николова е овогодинашен добитник на престижната книжевна награда „Роман на годината“. Таа со својот роман „Песот со тажен поглед“ победи во изборот за најдобро книжевно дело и по вторпат во животот ја доби оваа награда.
Во разговор за „Фокус“ таа не го криеше задоволството за добиеното признание и се радува што истото се уште се доделува.
„Бев многу изненадена бидејќи ја добивам по вторпат. Досега тоа беше невообичаено и сметав дека ќе ја добие некој од другите што конкурираат. Имаше многу забележителни дела од помлади автори. Се радувам дека наградата опстоја, а трудот е евидентен. Многу ми значи оваа награда затоа што јас сум во поодминати години и сметам дека мојот опус е завршен. Досегашните признанија ме крепеле и го одржувале мојот дух. Немам некакви планови, но чувствувам дека се намалува темпото, здравјето попушта“, ни изјави 84-годишната Николова.
Минатата година започна снимањето на детската серија „Зоки Поки“, по приказната на истоимената книга за деца од Николова, со која израснаа многу генерации.
Снимањето на серијата е завршено, а продуцентот Роберт Насков не информираше дека серијата е во финалната фаза на пост-продукција.
Николова е среќна што нејзината култна книга за деца ќе се пресели и на малите екрани.
„Многу ми е драго што приказната на Зоки Поки ќе добие една нова димензија. Јас сум во постојан контакт со екипата која работи на овој проект и тие решија да ја модернизираат серијата за новите генерации што доаѓаат. Јас воопшто не им се мешав во работата и ја имаа целосната слобода. Мислам дека за неколку месеци серијата ќе почне да се емитува и на малите екрани“, рече Николова.
Запрашана за состојбата на македонската книжевност и јазик, таа вели дека треба многу повеќе да се грижиме за тоа, како што тоа го прават многу народи низ светот.
„За македонскиот јазик имам многу мрачно предвидување, ако продолжи вака да не се негува, преземајќи соодветни форми од други јазици. Би било подобро за јазикот да се развива во сопственото гнездо, што е пример и од други народи. Мислам дека се отвора некој интерес за македонската литература, иако читањето се префрла на електронски изданија. Сепак, мислам дека љубовта кон пишаниот збор ќе остане долго време“, го заврши разговорот Николова.
Јорданчо Цветаноски