Минатата седмица се случи промоција на десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на легендарната македонска писателка Оливера Николова.
Како што знае македонската јавност да ја нарече, „мајка на сите македонски писатели“ и „мајката на Зоки Поки“, Николова за „Фокус“ не го криеше задоволството од таквиот настан.
„Искрено, многу убаво се чувствувам. Со промоцијата на 10 тома со 12 книги мои се зголеми одговорноста кај мене во иднина за моето творештво. Мислам дека заслужив ваков момент. Со текот на годините, пишувањето стана мој ориентир во животот. Ваквите моменти носат посебно чувство кај мене“, вели Николова.
Се има чувство дека младите генерации како да ги подзаборавиле романите на повозрасната генерација на македонски писатели. Николова смета дека тој тренд ќе се прекршува одвреме-навреме.
„Гледам сега дека младите генерации се насочени кон помладите автори и имам чувство како да не подзабораваат нас, повозрасните писатели. Можеби тука и училиштата треба да имаат поголема улога. Верувам дека повторно, ние повозрасните, ќе се враќаме во мода кај помладите. Но, тоа не оди со сила. Тоа потекнува од самиот личен однос“, додава таа.
Повеќе од две години Македонија живее во екот на светската пандемија на ковид-19, а оваа ситуација силно ја погодила и нашата соговорничка.
„Двапати го прележав вирусот, и морам да бидам искрена – не се чував доволно. Оваа пандемија сите ја поднесуваме многу тешко, се чувствувам отфрлено од животот. Но, верувам дека многу наскоро ќе се вратиме во нормала“, го заврши разговорот Николова.
Таа е родена во Скопје во 1936 година и е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки. Работела и како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Нејзини најпознати книги се „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, а во 2019 година за нејзиниот роман „Песот со тажен поглед“ ја добива наградата Роман на годината.
Фото – Арс Ламина
Јорданчо Цветаноски