„Игри ширум отворени“ е мотото на 33 Олимписки игри во Париз, кои официјално се отвораат вечерва, иако некои натпревари веќе почнаа.
Француската престолнина е домаќин на летната олимпијада за првпат по 100 години и најголемиот дел од натпреварувањата ќе се одвиваат во и околу најпознатите градски области.
Церемонијата на отворањето, која почнува во 19:30 часот, ќе биде посебна и првпат во историјата нема да се одржи на стадион, туку спортистите и делегациите ќе пловат шест километри по Сена во 100 бродови, а на брегот се очекуваат 300.000 гледачи.
Малку детали се знаат за настанот, се говори дека ќе настапат Селин Дион и Леди Гага, а уметничкиот директор на отворањето Томас Жоли изјави дека сакал да ја прикаже Франција во сите нејзини различности.
Игрите во Париз се првите кои постигнаа целосна родова еднаквост, па ќе настапат 5.250 спортисти и исто толку спортистки. Македонија ќе има шестмина претставници.
-Франција е спремна и ќе биде спремна во текот на Игрите – изјави претседателот Емануел Макрон.