Македонската олимпијка Милијана Рељиќ нема сала за подготовки, ниту финансиска поддршка од државата, за настап на Летните олимписки игри во Париз 2024 година. Ова го потенцира нејзиниот професионален тренер Александар Ефтимов, кој објасни дека Рељиќ се подготвува за Олимпијадата на разни терени.
„Веќе една недела сме без сала за подготовки. И покрај упатените повици до надлежните институции, Милијана се уште нема можност да ја користи салата за подготовки за овој значаен светски спортски настан. Во салата каде што тренираме веќе 15 години, имаме професионална таеквондо опрема во вредност од над 10.000 евра и е значајно за подготовките, немаме можност да вежбаме поради летниот распуст на училиштата. Надлежните во основното училиште „Наум Наумовски – Борче“ од Маџари не дозволуваат да ја користиме салата“, вели Александар Ефтимов.
Поради ова, тие се принудени да бараат слободни термини во другите сали кои, според Ефтимов, се далеку под квалитетот за подготовка за олимписка норма.
„Поразително е да имаме олимписка надеж, која има шанси да донесе медал од Олимписки игри, а спортските сали да седат заклучени преку цело лето. Ние ќе се бориме, ќе дадеме се од себе да донесеме медал од Олимписките игри во Париз и покрај тоа што немаме сала за тренирање. Оваа година, се уште, немаме добиено ниту денар од ниту една државна институција, ниту поддршка од приватни компании. Затоа, најголем дел од натпреварите и семинарите ги покриваме од лични средства“, вели Ефтимов.
Милијана е актуелна европска клупска шампионка, на последните 9 Г1 турнири има освоено 7 медали а во јули месец се очекува да избие на 5-тата позиција на светската таеквондо ранкинг листа и со големи шанси да освои медал на Олимписките игри во Париз 2024.