Олена Зеленска: Најлошо е ноќе, плачам и внимавам децата да не ме видат

by Fokus

Првата дама на Украина во едно неодамнешно интервју рече дека се обидува да остане силна за нејзиниот сопруг, украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто како и нејзините деца и другите Украинци погодени од војната.

Таа зборуваше за тоа дека била „блиску до психичко кршење“ поради инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на нејзината татковина, пренесува „Дејли мејл“.

Олена Зеленска ја откри личната жртва што ја трпела во последните две години, со оглед на тоа што поради руската инвазија била принудена да живее одвоено од сопругот. Тој останал во Киев, додека таа живее на друго, тајно место, со нивните две деца.

„Има моменти кога се чувствувам како да сум на работ на ментално исцрпување и сфаќам дека ми треба одмор од се. Се трудам ефективно да го искористам секој момент, бидејќи понекогаш мислиме дека имаме време за одмор, но немаме” – рече таа во интервју за „Телеграф“.

Таа ги опишала и „страшните моменти“ каде се буди среде ноќ со темни мисли.

„Добро е што тоа се случува ноќе затоа што тогаш никое од моите деца не ме гледа, а јас секогаш се трудам да бидам нивен извор на доверба. Знаете, децата секогаш гледаат на своите родители и треба да знаат дека се ќе биде во ред. Неколкупати си дозволив да плачам кога бев неподносливо тажна, но тоа беше нешто што го правев свесно затоа што знам дека понекогаш морам да нурнам длабоко за да најдам сила да продолжам понатаму “, рече Зеленска, која се надева дека ќе „доживее украински момент на победа“.

За полесно да ја надмине ситуацијата во која се наоѓа, решила да не чита вести пред спиење, а прави и „список на работи кои ја смируваат“. Се обидува да си го окупира умот со чистење на домот или миење на косата.

„Додека правите нешто, не седете без работа и само плашете се, туку направете нешто корисно во тој момент“, објаснува првата дама на Украина.

Оваа поранешна сценаристка го запознала својот сопруг уште кога била тинејџерка, а после тоа заедно работеле на хумористична серија и нивната љубов се разгорела. Тие се венчаа во 2003 година.

„Не ни е здодевно еден со друг, всушност ни недостасува заедничко време. Немаме време да се лутиме еден на друг или да се караме, во последно време воопшто не се караме“, дури се пошегувала таа.

Поврзани новости