Германскиот канцелар Олаф Шолц е официјално именуван од неговата партија на левиот центар за нивен кандидат за канцелар на предвремените избори, иако неговата популарност падна на најниско ниво од падот на владата на почетокот од овој месец.
Раководството на Социјалдемократската партија (СПД) едногласно гласаше за него, изјави извор за Франс прес.
Делегатите допрва треба да ја одобрат неговата кандидатура за изборите на 23 февруари на конгресот на партијата на 11 јануари.
Шолц (66), кој повеќе или помалку се прогласи за кандидат по распадот на коалицијата со Зелените и либералите на 6 ноември, потоа мораше да се соочи со несогласувања во неговата партија, каде што некои беа наклонети кон попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус.
Оттогаш СПД застанува зад Олаф Шолц, иако се чини ризично за најстарата германска партија, која според анкетите има само 15 отсто поддршка, пишува Франс прес.
Конзервативната опозициска ЦДУ/ЦСУ е двојно попопуларна, поддржана од 33 отсто од испитаниците, а екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) има поддршка од 18 отсто.
Олаф Шолц, како „лице“ на неуспехот на владата обележано со постојани внатрешни конфликти, веројатно е „најслабиот и најмалку погоден кандидат за канцелар што СПД некогаш го предложила“, оценува магазинот Шпигел.
Неговата коалиција на власт од крајот на 2021 година се распадна по разрешувањето на либералниот министер за финансии поради несогласувањата околу буџетската политика кои станаа непремостливи, а во екот на индустриската криза во земјата, најсилната европска економија, пишува Франс прес.