ОКТА ја поддржа изградбата на првото инклузивно игралиште во Општина Дојран

by Fokus

Со почетокот на новата школска година, Основното општинско училиште „Кочо Рацин“ во Дојран доби ново инклузивно игралиште кое безбедно ќе можат да го користат сите деца, вклучувајќи ги и децата со попречености. Првото инклузивно игралиште на територијата на Дојран, е изградено со финансиска поддршка на компанијата ОКТА, како дел од соработката со Фондацијата „Чекор по чекор“ и Општината. Ова е втора донација на OKTA направена во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ чија цел е целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во сите училишни активности и зајакнување на нивната социјална и образовна инклузија.

„Како компанија која посветува особено внимание за доброто на заедницата во која работи, секогаш нѐ радува можноста да учествуваме во иницијативи наменети за децата. Нашиот активен придонес во овој донаторски проект, ја претставува нашата континуирана заложба за подобрување на условите во образованието и создавање еднаква можност за сите деца, без разлика на нивните специфики. Се надеваме дека овие игралишта ќе бидат место за безгрижна детска игра, каде вредностите на различност и инклузивност ќе се негуваат и јакнат“,  истакна Вук Радовиќ, Главен извршен директор на ОКТА.

Во поддршката и обезбедувањето на сите неопходни услови за успешна реализација на овој проект учествуваше и Општина Дојран.

„Со ова детско игралиште ќе се унапреди вклучувањето на децата со посебни потреби во секојдневните спортско – рекреативни активности. Исто така се овозможува простор за нивен правилен раст и развој, а секако овој благороден проект ќе го подигне сознанието за различностите уште од најмала возраст, како и свеста за неопходноста од социјализирање и инклузија на децата со посебни потреби во општеството. Ова нека биде мотив сите ние заедно, во иднина да ги отвориме срцата и да покажеме дека можеме многу повеќе да направиме за децата со посебни потреби, активно да се вклучиме во нивната рамноправна инклузија во сите сфери во општественото живеење“, изјави Анго Ангов, Градоначалник на Дојран.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој веќе цела година го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи, обединува повеќе различни чинители за постигнување на една цел – целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта.

„Ова е второто инклузивно игралиште кое го правиме во рамки на соработката со ОКТА, како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија. Со овие игралишта, кои ги градиме во повеќе општини, го поддржуваме процесот на развој на инклузивно образование, верувајќи дека децата преку заедничка игра и дружење ќе научат да ги почитуваат различностите и ќе имаат еднакви можности да учествуваат во школските и воншколските активности“, изјави Елена Мишиќ, раководител на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Во стратегијата за општествена одговорност на ОКТА поддршката на образованието е една од главните елементи. Во таа насока, компанијата донираше инклузивно детско катче во општина Аеродром во Скопје, a дополнително во рамки на овој тековен проект ОКТА ќе ја поддржи изградбата на уште едно вакво игралиште до крајот на годинава.

 

Поврзани новости