Оксфордската вакцина против коронавирусот пред регулаторите до крајот на годината?

by Fokus
Почетокот на процесот на евалуација на експерименталната вакцина против Ковид-19, изработена од Универзитетот во Оксфорд и компанијата „АстраЗенека“, може да биде побарана од надлежните органи до крајот на годината, доколку научниците можат да соберат доволно податоци.

Лидерот на научниот тим од Универзитетот во Оксфорд, кој работи на развој на вакцината, Ендрју Полард, за „Гардијан“ изјави дека барањето дозвола за вакцината во текот на оваа година ќе биде можно доколку брзо се зголеми бројот на случаи опфатени со клиничките испитувања, пренесуваат британските медиуми.

-Можно е да ги имаме податоците пред регулаторите оваа година, ако нагло се појават случаи во клиничките испитувања. Единствено тогаш би дошло до процесот кој е потребен за целосна проценка на податоците, вели тој.

 

Полард предупредува дека процесот би можел да трае подолго, во зависност од тоа колку податоци научниците ќе можат да соберат.

-Мислам дека со време, бидејќи вирусот и натаму ќе се пренесува, ќе имаме информации дали вакцината делува или не со испитување на 1.000 луѓе, но тоа би можело да потрае и со години. Ако имаме 20.000 луѓе во нашите испитувања, тоа ќе значи дека тој временски период ќе биде пократок, но за жал, не можам да предвидам колку случаи ќе се појават во наредните неколку месеци, појаснува тој.

Поврзани новости