Околу 5.000 лица работат во ,,Дрекслмајер”, од фабриката велат дека ги следат препораките на надлежните институции!

by Fokus

Да стивнат движењата, да се остане дома, да нема никакви собири, тоа е единствен начин да се спречи инфекцијата со корона вирус – е апелот од Министерството за здравство кој деновиве постојано е актуелен.

Но, што се случува со поголемите фабрики во земјава, во кои работата продолжува, а каде секојдневно во исти хали се наоѓаат стотици, па и илјадници луѓе? На социјалните мрежи изминатиот период се чести темите околу тоа што да се превземе во врска со овие компании, каде само еден позитивен случај на вирусот би бил како темпирана бомба.

- Advertisements -

Во Тиквешијата, односно во Кавадарци, една од фабриките во која работат голем број на луѓе, е германската „Дрекслмајер”. Таа е еден од најголемите работодавачи во земјава, каде се произведуваат кабелски сетови за автомобилската индустрија.

Над 5.000 лица од повеќе градови секојдневно се на своите работни места во фабриката. Стравот од појава на корона вирус и кај само еден вработен, кој би значел катастрофа од невиден размер, е се поприсутен во регионот. Луѓето реагираат, бидејќи во изминатиот период голем број на наши иселеници се вратија од земјите со ниво на висок и среден ризик и не може да се има контрола над контактите на секој еден вработен во фабриката.

„Фокус” уште вчера стапи во контакт со надлежните од Дрекслмајер, со цел да дознаеме дали има евентуална најава за прекин на работата, но и во какви услови се работи во време на пандемија. Катерина Бакалова, лице за контакт со медиуми во компанијата, не замоли да ги причекаме официјалните одговори од надлежните до денес.

Утринава ги добивме одговорите, според кои од компанијата смируваат и потенцираат дека се следат сите протоколи од Министерството за здравство. Поставиле пунктови за дезинфекција, се дезинфицирале и просториите, вработените имале доволна оддалеченост помеѓу себе.

Фокус: Во време на пандемијата на корона вирус, не интересира кои мерки за заштита се превземаат во вашата компанија?

„Дрекслмајер”: Здравјето и безбедноста на нашите вработени е наш врвен приоритет. Нашите вработени интензивно се информираат за хигиенските мерки што можат да помогнат во спречување на инфекција. Покрај ова, дополнителни стотици пунктови за дезинфекција беа поставени насекаде низ компанијата. Редовно како и досега, како превентивна мерка, се врши целосна дезинфекција на сите простории во фабриката. Процесот на работа се прилагодува така што вработените да имаат доволна оддалеченост меѓу себе. Медицинскиот персонал во нашата компанија е достапен за сите вработени 24 часа на ден и ги следи протоколите на Министерството за здравство во земјава. Посетите од странство беа превентивно откажани како и сите состаноци со надворешни лица. Транспортните компании се задолжени континуирано да ги дезинфицираат автобусите за превоз на вработените.

Фокус: Колку точно лица се вработени во компанијата и од кои градови се тие?

„Дрекслмајер”: Нашата компанија вработува околу 5000 луѓе кои доаѓаат од регионите, Кавадарци, Неготино, Велес, Прилеп.

Фокус: Колку лица работат во една смена?

„Дрекслмајер”: Околу пет илјади вработени се вработени во нашата компанија и според производствените потреби работат во три смени.

„Фокус”: На која оддалеченост се вработените еден од друг, односно колку лица се наоѓаат во иста хала истовремено, во тек на работата?

„Дрекслмајер”: Поради работниот процес, фабриката е поделена на повеќе производствени хали, а работниот процес се прилагодува со цел да обезбеди доволно растојание помеѓу вработените. Исто така ги следиме и спроведуваме највисоките стандарди за Здравје и безбедност при работа, а воедно ги следиме и актуелните препораки на надлежните институции.

„Фокус“: Дали има најава за евентуален прекин на работата?

„Дрекслмајер”: Здравјето и безбедноста на нашите вработени се од највисок приоритет за нас. Компанијата ги следи инструкциите на надлежните институции, како и препораките на СЗО, а внимателно го следиме развојот на глобалната и локалната состојба. Временски реагираме на целата состојба и тековно ги прилагодуваме производствените процеси според потребите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости