Денес околу 35.000 Литванци формираа 34-километарски човечки ланец од центарот на Вилнус до белоруската граница во знак на поддршка на демонстрантите во Белорусија.
-Повеќе од кој било друг можете да ги разберете Белорусите, затоа што не толку одамна поминавте низ истото како ние сега – рече лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја во снимено обраќање.
Тихановскаја, која побегна токму во Литванија по претседателските избори на 9 август, на кои се соочи против Александар Лукашенко, не присуствуваше на настапот од безбедносни причини, пренесува Ројтерс.
-Горда сум на моите луѓе кои одговорија на повикот и дојдов овде да ги охрабрам Белорусите – порача пред насобраните претседателот на Литванија, Гитанас Науседа.
На граѓаните им се придружи и поранешниот претседател на Литванија, Далија Грибаускајте.