Фолк музичарот Круме Спасовски за неговиот музички проект ,,Круме – вчера, денес и утре” доби 186.000 денари поддршка од Министерството за култура, во рамките на годинашната програма за финансирање проекти од областа на културата.
Како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, најмногу средства ќе добијат музичката дејност и издаваштвото.
Спасовски е присутен на естрадата повеќе од пет децении, но најголемиот успех го доживеа со песната ,,Чудна жена беше Вера” која и денес се слуша.
Зад себе има солистички концерти, турнеји и голем број на хитови, но сепак ,,Чудна жена беше Вера” остана како еден вид на негова лична карта.
Пред повеќе години ја сними песната ,,Еј Заге носам чалгии” и тогаш откри дека и ја посветува на неговата сопруга Зага, која била со него уште од почетоците на неговата музичка кариера.
Неодамна во интервју раскажа дека откако се пензионирал си направил куќа во Горно Коњари, и со сопругата се преселиле таму. Уживале во мирни пензионерски денови во природа, а колеги од естрадата му биле чести гости.
Вики Клинчарова