Податоци од здравствени институции и здруженија покажуваат дека не е мал бројот на жени во Македонија кои немаат избрано матичен гинеколог и на оние, кои подолг период не посетиле гинеколог.
Здравствените работници во државава се едногласни дека е потребно да се подигне свеста по ова прашање и да се зголеми бројот на работилници и едукации во училиштата, кога станува збор за женското здравје.
Податоците од годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување за 2022 година, покажуваат дека бројот на жени, без избран матичен гинеколог, а со здравствено осигурување, е околу 260.000, а бројот на оние без здравствено осигурување и без избран матичен гинеколог, околу 134.000 лица.
Доколку се земе предвид дека во земјава 50,4 отсто од активното попишано население се женски лица, тогаш бројот на жени со здравствено осигурување, а без избран матичен гинеколог, изнесува околу 28 проценти.