Околу 2.300 македонски граѓани во светот најмногу во европските држави, побарале да се вратат во земјата преку хуманитарни летови, а откако ќе дојдат ќе бидат директно сместени во задолжителен државен карантин, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.
-Врз основна на законските прописи Владата одлучи сите поголеми групи на граѓани да бидат во 15- дневен задолжителен карантин за да се зачува здравјето на сите, вели Димитров.
Тој ги повика сите граѓани што се немаат пријавено во земјите каде се наоѓаат, во нашите претставништва, тоа да го направат до утре до 18 часот за да има прецизна евиденција и да се организираат овие летови. Во фокус ќе бидат земји кои имаат повеќе граѓани.
-Со властите од Црна Гора се обидовме да качиме патници од Турција со нивниот хуманитарен лет. Кога им кажавме дека ќе бидат во задолжителен карантин се откажаа од оваа можност, појасни Димитров.
Тој објасни дека во Црна Гора има 70 граѓани и тие со конвој ќе бидат префрлени во земјава во задолжителен карантин на сметка на државата.
-Во изминативем седум дена светот, посебно Европа се врати назад седум децении. Упативме барање до сите земји со оглед на објективната неможност да се исполни обврската од 90 дена да нема правни последици по граѓаните. Им порачуваме на граѓаните да не патуваат ако немаат итна потреба, порача Димитров.