По серијата земјотреси кои што го зафатија охридско – преспанското подрачје, на бесплатниот телефонски број за итни повици на Центарот за управување со кризи 195, вчера и денес се регистрирани околу двесте повици, начелно за предизвикани штети – срушени оџаци, напукнати и изместени преградни ѕидови и други површински оштетувања кои настанале од паднати предмети.
Во текот на денешниот ден се одржа вонредна седница на Регионалниот штаб за управување со кризи во Охрид. На седницата се донесоа заклучоци да се извршат и дополнителни контроли на исправноста на водата за пиење во епицентралните подрачја.
„Апелираме до граѓаните да останат смирени и присебни, да не се создава паника која би предизвикала деструктивно однесување од поединци, да не се подлегнува на гласини и шпекулации за евентуална евакуација и да се следат препораките и насоките дадени од надлежните институции. За било какви дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на бесплатните телефонски броеви на ЦУК – 195 и полиција – 192“, велат од Центарот за управување со кризи.
За утре е закажана седница на Главниот штаб, која ќе се одржи во ЦУК, а на која ќе се расправа за моменталната состојба со серијата земјотреси и ќе се донесат заклучоци за понатамошно делување.