Околу 140 ученици од Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром денеска не се на настава, а наставниците пријавиле дека сите тие се со стомачни тегоби, дијареа и повраќање.
Станува збор за ученици кои се од пониските одделенија и кои се хранат во училишната кујна.
„Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти или слични симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк“, вели директорот на основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ – Александар Филипчев.
Тој вели дека училиштето ќе постапи согласно законската регулатива и додава оти случајот е пријавен до сите надлежни институции и дека е извршен вонреден инспекциски надзор.