Претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Неготино, и кандидат за градоначалник на последните избори, Златко Пенков, денес обвини дека 20 лица биле отпуштени од работа поради политички причини. Како што изјави, поголемиот дел од отпуштените биле вработени во училиштата во градот.
-Ова е апел до централната власт предводена од СДСМ, да се престане со овие политички отпуштања од работа. Досега во Неготино се отпуштени 20 луѓе, вработени во образовни и други јавни институции, а на нивно место се вработуваат партиски послушници на СДСМ. Најголем дел од отпуштените се вработени од училиштата. На сред училишна година се отпуштаат наставници со искуство без никаква причина, а местата се потполнуваат со нови кадри, и не се води сметка како тоа ќе се одрази на учениците и наставниот процес. Ги повикуваме просветниот и трудовиот инспекторат да ги проверат овие наши укажувања и да се превземат соодветни мерки – потенцираше Пенков.
Во изминатите години во Неготино, голем дел од наставничките кои се вработија за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, пред секои избори беа редовни од врата на врата, со партиските пропагандни материјали. Исто така, многу од нив беа и во првите редови за време на многубројните контра протести на партијата.
На реакциите од родителите дека не е етички наставници на нивните деца да им доаѓаат на врата со партиските програми и да ги убедуваат да гласаат за нивната партија, немаше никаква реакција од страна на нивните надлежни.
Во обраќањето до јавноста Пенков не ги откри имињата на отпуштените наставници и не е познато дали помеѓу нив има и од оние кои ги посетуваа граѓаните по домовите, делејќи им пропагандни материјали и кои беа најредовни на партиските митинзи.
Вики Клинчарова