Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка поднесе обвинение против едно лице на возраст од 29 години, за разбојништво.
Обвинетиот на 16.11.2019 година, влегол во семејна куќа во населбата Лисиче преку незаклучена врата. Внатре ја затекнал оштетената на која и се заканил со нож и со зборовите „дај пари или ќе те убијам“. Оштетената успеала да му ја оттргне капата со која му била покриена главата и да го види неговиот лик, по што обвинетиот го вперил сечивото од ножот кон нејзината слепоочница, а со дланката и ја покрил устата за да не може да повика помош. Нападнатата му покажала на паричникот на масата, по што тој и наредил да ги извади сите пари од паричникот, вкупно 600 денари во различни апоени. Откако ги одзел парите, обвинетиот повторно и се заканил да не повикува помош и се дал во бегство.
Обвинението е покренато за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, ценејќи дека се уште постојат законските основи – опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, како и опасност да го повтори делото што му се става на товар, особено заради фактот што се работи за лице и претходно осудувано за истородни кривични дела.