Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска потврди дека во текот на вчерашниот ден спровело координирана акција со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за сузбивањето на организираното криумчарење на мигранти, на подрачјето на повеќе населени места.
„Преземени се дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР на РМ против вкупно 23 лица. Меѓу осомничените има едно малолетно лице, а 4 лица се државјани на Република Албанија. Постои основано сомнение дека лицата сториле кривични дела – криумчарење мигранти по член 418-б и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик“, се вели во известувањето од ОЈО.
Против 22 лица е донесена наредба за спроведување на истражна постапка и до судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен предлог за определување на мерка – притвор. Против малолетното лице до судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесено барање за поведување на подготвителна постапка со предлог за определување мерка – притвор.